Да. Што после Виена? Што со Македонија по настапот на ЕП 2020, кога уште по првата фаза ги пакуваме куферите и си се враќаме дома.

Еден е Кире и толку!!! Што кога и тој ќе го немаме во репрезентацијата. Се разбира дека е рано за анализи, за критики, уште повеќе кога емоциите „работат“ кога се пишува текстот веднаш по оваа катастрофа во „Штадхале“. Да се разбереме, никој не бараше од нашие момци злато, полуфинале и слично. Баравме само да одиграат колку што можат. Свесни дека нашата „Б“ група е најслабата на ЕП и тоа  убедливо, се надевавме дека ќе можеме да се „протнеме“ во втората фаза. А се виде дека нешто не е во ред уште по првиот меч со Украина кога само благодарение на Кире и Митревски успеавме да победиме. Хаваријата можеше да се насети со Чешка, а Австрија само стави печат.

Искрено очекувањата од Данило Брестовац беа големи, а реалноста е – ништо посебно. Можно е по ова ЕП да има ремонт, да има откази, да има „реконструкција“.

Рековме еден е Кире, и додека е тој тука ќе играме на ЕП или СП. Потоа може само да сонуваме настап на едно големо натпреварување. Се плашиме на машкиот ракометен тим да не му се случи хаварија како на женскиот, тоа никако не смее да се дозволи. Се надеваме…

Оваа селекција доби се од РФМ, се што посакаа добија. Супер услови за работа, се знаеја навреме и премиите, се беше на ниво како што е обичајот  кога станува збор за ракометната федерација.

Е сега кој е виновен за ова во Виена?

Рековме, ќе треба длабока, длабока анализа…за да се утврди што навистина ни се случи на ЕП.