Одличен почеток на вториот дел од сезоната во Првата лига. Од Аеродром стигна најава дека до крај ќе гледаме интересна битка за титулата.

Гостивар ја доби и втората пресметка со МЗТ Скопје оваа сезона. Избраниците на Марјан Србиновски не само што го совладаа шампионот со 72-78 (21-23, 14-15, 15-17, 22-23), туку им го нанесоа првиот пораз на домашен терен оваа сезона.

Клучниот кошаркар во редовите на победникот беше Џелетовиќ во последната четвртина постигна 11 од вкупните 18 поени. Прв стрелец беше Доналдсон со 20 поени, Димчевски имаше 19 поени од кои пет тројки. На другата страна Стојановски запиша 15 поени.

Мечот тргна во знакот на гостите, поведоа со 0-9. Капитенот Дамјан Стојановски го разбуди својот тим, актуелниот шампион врати со серија 13-3 за прво водство на мечот од 13-12 во шестата минута. МЗТ Скопје постојано заостануваше резултатски, но минимално.

Со нова серија од 8-0 дојде до второто водство (28-26). На другата страна избраниците на Марјан Србиновски не паднаа под притисокот, на три минути до крајот на првото полувреме по тројката на Тасовски дојде на плус шест (28-34).

 

По 35-38 на полувремето беше јасно дека ова ќе биде нова неизвесна средба. Се играше кош за кош во третата четвртина, а благодарение на Костоски, Гостивар овој дел од заврши со позитива од пет поени 50-55. Токму неговите поени како да им дадоа дополнителна сила на останатите.

Димчевски со петата тројка на оваа средба го донесе својот тим на 57-66 во 33. минута, две минути подоцна Гостивар дојде на први двоицфрени 59-66 благодарение на Џелетовиќ.

МЗТ Скопје не успеа да се врати, кошаркарите на домашниот тим немаа своја вечер, а ниту пак имаа решение за Џелетовиќ.

На крајот Гостивар сосема заслужено се радуваше на својата деветта победа оваа сезона со која се искачи на првото место на табелата.