Пласманот на 15. место на машката ракометна репрезентација на Македонија на ЕХФ ЕУРО 2020 го комплицира нашиот пат до следното големо натпреварување, СП 2021 во Египет. Поточно, тоа значи дека Македонија ќе мора да мине два бараж филтри доколку сака да задржи континуитет на големите натпреварувања.

СП 2021 во Египет ќе биде првото на кое ќе учествуваат 32 репрезентации, а тоа го измени изгледот на континенталните квалификации за истото. ЕХФ денеска го објави процесот, кој вели дека Македонија ќе мора да одигра два баражи (во април и во јуни) доколку сака да дојде до мундијалски билет.

Во објаснувањето на ЕХФ стои дека на СП 2021 во Египет Европа ќе има 14 претставници. Светскиот првак Данска, веќе има директен пласман, а во иста позиција ќе се најдат и трите најдобри селекции на ЕХФ ЕУРО 2020. Останатите десет места ќе бидат дефинирани преку двете плеј-оф квалификациски рунди.

Првата рунда е во април, каде се Турција, Израел, Литванија и Романија, кои како победници ги завршија претквалификациските турнири. На овие четири екипи ќе им се приклучат учесниците на ЕП 2020 кои нема да обезбедат олимписки квалификации. Првата рунда квалификации за СП ќе се игра на 15/16, односно 18/19 април 2020. Ждрепката ќе се изврши на 30 јануари во Виена.

Норвешка, Франција, Германија, Шведска, Хрватска и Шпанија веќе имаат обезбедено ЛОИ квалификации според ранкингот на СП 2019 година, а доколку некој од нив стане европскои првак тогаш неговото место ќе го пополнат Бразил или Египет. Одтаму седум или осум европски репрезентации ќе гледаме во ЛОИ квалификациите, а останатите ќе играат квалификации за СП.

Оние кои ќе играат ЛОИ квалификации, имаат обезбеден директен пласман во втората фаза од квалификациите за СП, односно баражите во јуни (5/7 и 9/11 јуни) каде ќе им се приклучат победниците од првите баражи во април, а од нивните меѓусебни дуели подобрите ќе дојдат до мундијалски билет.