Лацио заработи казна од УЕФА од 20.000 евра, како и затворање на дел од трибините на Олимпико во следните три европски натпревари, поради извикување фашистички пароли и користење на фашистички поздрави од страна на навивачите за време на натпреварот во Лигата на Европа против Рен во октомври лани.

Клубот и претседателот Клаудио Лотито одлучија да влезат во „војна“ со нивните најжестоки навивачи, со тоа што на дел од нив им испратија писма со барање за отштета во износ од 50.000 евра, односно колку што севкупно би ги чинела казната од УЕФА.

Ставот на Лацио е дека тие не се идентификуваат со ставовите на „ултрасите“ и дека сакаат да го искоренат таквото однесување на трибините.

„Врз основа на снимките направени од УЕФА и дополнителната полициска истрага, стана јасно дека вие сте одговорни за однесувањето кое покрена санкции и поради тоа против Вас ќе бидат покренати тужби. Покрај тоа што вашето однесување е казниво, и на клубот му нанесовте сериозна финансиска штета, која кога ќе се земе в предвид загубата од продажба на билетите, како и паричната казна, тоа е најмалку 50.000 евра. Вашето однесување исто така го крши етичкиот код кон кој навивачите се обврзуваат при купувањето на бител.

Идентификувани сте како едни од причинителите кои му нанесоа штета на клубот и ве покануваме да не контактирате за да се договориме за начин на кој треба да ја платите сумата за која сте го оштетиле Лацио. Исто така ве информираме дека ви е забранет влез на Олимпико за следните три натпревари“, стои во писмото на Лацио до дел од „ултрасите“.