Хрватска ја продолжува победничката серија на Европското првенство и по третото коло од главната фаза во кое ја совлада Чешка со 22:21 (11:9) во Виена.

Лука Степанчиќ беше херојот за „коцкестите“, кој на две секунди до крајот на мечот погоди за победа.

Тимот на Лино Червар имаше сериозни проблеми со силната дефанзивна линија која ја понудија Чесите, а и можеби си дозволија да го намалат темпото со оглед на тоа дека нивното место во полуфиналето е веќе резервирано.

Голем дел од главните играчи останаа на клупата, а т.н. втора постава беше таа која се носеше со Чесите цел меч.

Победникот беше решен во последната минута. Неколкупати Хрватска имаше два гола предност, последен пат на 21:19, и со одличниот Ашанин на голот делуваше нереално дека Чешка одново ќе се врати. Но и покрај тајм-аутот на Червар, тие го сторија тоа, па во последниот напад, Степанчиќ отиде на се или ништо и и донесе нова победа на Хрватска, шеста на ЕП.