Утре рано наутро, со лет Скопје – Истанбул – Анталија, експедицијата на Струга Трим Лум ќе се пресели во познатиот туристички центар во Турција, каде ќе остане до 2 февруари и ќе ја одработат втората фаза од тековните подготовки.

„Прво да кажам дека Струга Трим Лум во својата куса историја, за првпат заминува во Анталија на зимски подготовки. Засега договорени се пријателските средби со Ахал, второпласирана екипа во првенството на Туркменистан, меч кој се игра на 24 јануари, додека на 28 овој месец, се среќаваме со полската Арка. Противниците за двата преостанати меча ќе ги дознаеме на лице место. Инаку јас сум задоволен од тоа како се работеше во воведниот дел, одигравме и два меча, загубивме од Влазнија Скадар со 0:2, а ја победивме екипата на Кораби Пешкопеја со 4:0. И двата меча се играа во Охрид. Задоволен сум од тоа и како изминува и преодниот рок. Досега успеавме да ги доведеме Седат Бериша и Фјоралб Делиај, веројатно ќе се засилиме со уште едно до две имиња“ ни изјави Јетон Беќири, шефот на стручниот штаб на Струга Трим Лум, клуб кој есеноска во ПМФЛ беше најпријатното изненадување во својата дебитантска сезона.