Вардар го одигра првиот пријателски меч во рамките на подготовките за пролетниот дел сезоната, кој ќе го дочекаат како лидери на табелата во ПМФЛ. Избраниците на Александар Васоски на дуелот против Хајдук поведоа со 1-0, но во вториот дел примија три гола и беа поразени со 1-3.

По триумфот, тренерот на хрватскиот тим Игор Тудор испрати комплименти на адресата на македонскиот клуб.

„Добар натпревар, Вардар беше противник по мерка за овој период од подготовките. Во првите минути ние целосно доминиравме, но потоа работата се сврте во корист на противникот кога тој даде гол. Се обидувавме да израмниме, но никако тоа не ни успеваше, дури во финишот дојдовме до победата. Од она што видов можам да кажам дека Вардар е екипа со доста добри играчи“ истакна стратегот на Хајдук.