Среќниот Наполи е првиот патник во полуфиналето на Купот на Италија. Со минимална победа од 1:0, наполитанците го поразија Лацио и обезбедија пласман меѓу четирите тимови кои ќе се борат за куп-трофејот.

По само две минути од стартот на мечот Наполи дојде во водство по една извонредна соло акција која со погодок ја заврши Лоренцо Инсиње. Лацио не чекаше долго на првата шанса за израмнување. Во 10. минута судијата покажа на белата точка, но несреќниот Имобиле се лизна при изведувањето на пеналот и го промаши цел гол.

Следуваше период на исклучувања. Кај Наполи црвен картон доби Хисај, а малку подоцна на трибините беше испратен и Лукас Леива од Лацио.

Во вториот дел Наполи беше комплетно надигран, а Лацио имаше неколку одлични шанси за израмнување. Гостите дури и двапати ја погодуваа мрежата на Оспина, но и двапати тоа се случи од офсајд, па судиите ги поништуваа головите. Имобиле немаше своја вечер, па двапати ја погодуваше и рамката од голот на Оспина. Едноставно, топката не сакаше да ја мине домашната гол-линија.

Нашиот Елиф Елмас го почна мечот од клупата, но доби шанса во 68. минута, кога го замени Хозе Каљехон.