Шкендија е најдобриот наш клуб, односно најдобро рангиран клуб за 2019 година, и само тетовци од македонските клубови се наоѓаат на листата на ИФФХС на најдобри 400 клубови во светот за изминатата година. Шкендија собра 72 поени, и се наоѓа на 307-то место од вкупно 400 клубови. Сепак, тетовци имаат стравичен пад во однос на минатата сезона. Имено тие лани се најдоа на 147-то место, а оваа на 307-то место. Значи за само 12 месеци паднале дури 160 места на листата на најдобрите клубови во светот.

РАБОТНИЧКИ ВО ЈУЛИ 2011 БЕШЕ НАЈДОБАР ВО СВЕТОТ

Според ИФФХС (Интернационална Федерација за фудбал, историја и статистика), треба да се каже дека тетовци за 2016 се најдоа на 97 место. Тоа беше првпат еден наш клуб да се најде меѓу топ 100 клубови во светот. Кога сме кај тоа кои наши клубови биле најдобри според оваа листа, да се вратиме малку низ историјата. Посебно во јули 2011 година. Тогаш Работнички во квалификациите во Лигата на Европа забележа пет европски победи во серија, нешто што денеска е незамисливо за нашите клубови и нивниот настап во евро-сцената. И токму по тие пет победи во серија, клубот од Градски парк доби предзнак за најдобар клуб во светот за месец јули во таа 2011 година. Работнички тогаш ги победи Транс Нарва со 3:0 и 4:1, потоа Јувенес Догана со 3:0 и 1:0, и славеше на гостувањето кај Анортозис со 2:0. Тоа беа тие пет победи во серија на „романтичарите“ во фудбалска Европа.

ЛИВЕРПУЛ НАЈДОБАР, ДИНАМО ЗАГРЕБ НА 11-ТО МЕСТО

Инаку очекуано, за 2019 година, според ИФФХС најдобар светски клуб е Ливерпул. Следуваат Барселона, Манчестер Сити, Фламенго, Селтик, Валенсија, Ајакс. Челзи, ПСЖ, и пазете сега – Вулверхемптон. Од каде ли го извадија овој клуб на 10-то место!? Затоа тука е Динамо Загреб, кој се најде на супер 11-то место. Браво за „модрите“. Тие се пред Реал Мадрид, Јувентус, Интер, Баерн Минхен, Арсенал. Од клубовите во регионот и Ц.Звезда е високо пласирана. Српскиот клуб пак се најде на 25-то место во светот.