Александар Тодоров пред истекот на минатата година беше промовиран за нов селектор на нашата најдобра кошаркарска репрезентација. Тој доаѓа на местото на Јорданчо Давитков на кого раководството на КФСМ одлучи да не му го продолжи договорот.

На официјалната промоција дојде еден од помошницте на Тодоров. Станува збор за Ѓорѓи Кочов, предводникот на актуелниот шампион МЗТ Скопје. Другите имиња кои ќе го сочинуваат стручниот штаб не се откриваа, од КФСМ и Тодоров чекаа да добијат дозвола од своите клубови.

СПОРТМЕДИА дознава дека Никола Василев ќе биде „десна или лева рака“ на Тодоров. Младиот стратег во моментов е помошник тренер во Џукија, тим од Литванија. Василев има репрезентативно искуство ама во младите селекции, за првпат ќе добие шанса да се најде во стручниот штаб на нашиот најдобар национален тим, како експерт за видео-анализа.

Во тимот на Тодоров ќе биде Горан Самарџиев, тренерот на Еуроникел. Легендарниот кошаркар беше најавен и претходно, но не и потврден.

Пред извесно време Тодоров го објави поширокиот список за квалификациите за пласман на ЕП 2021 година. Првиот дуел го играме на 20. февруари против Естонија на домашен терен, три дена подоцна и гостуваме на Русија во Перм. Во нашата група се наоѓа и репрезентацијата на Италија.