Само што беше промовиран во нов тренер на Енозис, Чеде Јаневски, еден од нашите најдобри тренери во историјата и екс – селектор на Македонија, почна со работа во кипарскиот клуб. Ги одржа и првите тренинзи. Со оглед на тоа дека СПОРТМЕДИА имаше ексклузивно дека тој ќе биде тренер на клубот од Кипар, Јаневски специјално за нашите читатели истакна зошто токму Енозис го одбрал како негова нова тренерска дестинација. 

„Само да потсетам, ова е мое враќање во Енозис по речиси десет години. Јас таму бев тренер во периодот од 2009 до 2011 година. Се вратив во мене позната средина, се вратив во клубот каде што ме врзуваат посебни емоции и посебни релации. Тука пред се мислам на нашата заедничка работа со починатиот Петар Милошески, нашиот легендарен голман и некогашен репрезентативец. Тој тогаш ја привршуваше својата голманска кариера, минавме заедно во Енозис убав, прекрасен период. Ќе останат во мене длабоко врежани нашите дружби со Петар. Затоа велам дека со Енозис ме врзуваат посебни емоции. Во тој период за Енозис настапуваше и Иван Тричковски“, вели Јаневски.

НЕМА ВЕЌЕ НЕДОРАЗБИРАЊЕ СО ХОФ!

Јаневски сега ќе работи со Хофханес Хамбарѕумјан, десниот бек од Ерменија со кого кога беа заедно во Вардар и во тој период имаа недоразбирања.

„Тоа е точно, но ние со Хоф, кого јас фудбалски необично го ценам и респектирам, седнавме на кафе, ги разрешивме сите дилеми, сите недоразбирања. Еве да откријам и една тајна, кога мене ме прашаа за него пред да замине на Кипар, какво е моето мислење, јас одговорив дека е одличен фудбалер, токму она што му треба на клубот. Еве сега по извесно време повторно заедно ќе работиме на Кипар. Инаку јас и кога дојдов тука венаш истакнав дека не треба да се очекуваат од мене некои посебни чуда, туку може да се очекува само напорна работа, се со цел со заеднички сили да ги оствариме клупските амбиции“ изјави Јаневски.