Зошто да е едноставно, кога може комплицирано. Лион се пофали со новиот напаѓач Карл Токо Екамби кој доаѓа како замена за Мемфис Депај кој поради тешка повреда ќе отсуствува од терените долго време. Лион после мачни преговори успеа да се договори со Виљареал и да го донесе Камерунецот во своите редови.

Се очекуваше дека Лион ќе му плати отштета од 20 милиони евра на Виљареал, меѓутоа условите се сменија. Екамби доаѓа на позајмица до 30. јуни и за тоа Лион ќе плати 4 милиони евра. Во летниот преоден рок, без разлика што ќе направи Камерунецот, францускиот клуб има обврска да го купи овој фудбалер за 11,5 милиони евра. Сумата може да порасне за уште 4 милиони евра во случај играчот да оствари одредени бонуси на основ на број на голови, настапи, асистенции и тимски ефект како трофеј или пласман во ЛШ…

Следува друго, кога Лион ќе го продаде Екамби ќе треба да му исплати на Виљареал 15% од сумата за која што ќе го продаде.

Но има уште. Ако Лион го купи Екамби веднаш по завршување на актуелната сезона и го продаде до 15. септември 2020 година ќе мора, според условите во договорот, да му исплати на Виљареал дури 50 отсто од сумата што ќе ја добие за трансферот.