Тиквеш нема намера така лесно да се откаже од битката за првото место кое води во елитата. Иако есенскиот дел го заврши на 4. место со седум бодови минус во еднос на лидерот Беласица, сите во кавадаречкиот второлигаш сметаат дека сеуште ништо не е загубено. Струмичани имаат 34 бодови, Брегалница 31, Кит Го 30 а Тиквеш 27 бодови.

„Не, никако не се откажуваме. Се додека имаме шанси ние ќе настојуваме да ги стигнеме тие што се пред нас. Не криеме, имаме намера во пролетниот дел и тоа како да ги нападнеме Беласица и Брегалница, тука е и Кит Го. ФК Тиквеш, Кавадарци и нашата навивачки група Лозари, заслужуваат Прва лига“ вели Раде Цициловиќ, стратегот на Тиквеш.

ИМАМЕ КВАЛИТЕТ, ОЧЕКУВАМ МНОГУ ОД БАЛДОВАЛИЕВ

Во изминатиот дел од преодниот рок кавадарчани се засилија со Ристе Илијовски и Зоран Балдовалиев.

„Имаме намера да доведеме уште едно до две нови имиња, но не по секоја цена. Имаме квалитет,  речиси на секоја позиција Тиквеш располага со по двајца квалитетни фудбалери. Јас сум задоволен од ангажманот на Илијоски и Балдовалиев, секако дека очекувам многу од искусниот напаѓач. Но и од другите играчи, реков дека Тиквеш има спој на младост и искуство, атмосферата е одлична на подготовките, јас лично уживам на тренинзите. Само така да продолжиме“ истакнува Цицмиловиќ.

В САБОТА СО РАБОТНИЧКИ ВО СКОПЈЕ

Тиквеш од сабота ќе го почне серијалот на пријателски средби оваа зима. Познат е и распоредот на одигрување.

„Па, прво почнуваме со Работнички во сабота во Скопје, следуваат дуелите со Пелистер во Битола (28.01), со Питу Гули во Марена (01.02), Беласица во Струмица (05.02), Ренова во Тетово (08.02), Победа во Прилеп (12.02), Плачковица во Дојран (15.02), со Скопје во Дојран (19.02), и генералката со Гостивар во Кавадарци (22.02). На овие мечеви нема да одиме по секоја цена на добар резултат, потребни се тимот да се воигра, да видиме кој што може. Поважно е да победуваме во првенството“ истакна за СПОРТМЕДИА Раде Цицмиловиќ.