Шпанскиот тенисер Рафаел Надал експресно обезбеди пласман во осминафиналето на Австралија опен откако во 3. коло го победи сонародникот Пабло Карењо-Буста со 3:0, по сетови 6:1, 6:2 и 6:4.

Првиот тенисер на светот за 1 час и 38 минути на теренот искористи пет од десет брејк топки, додека на ривалот не му дозволи ниту една шанса да му земе сервис. Ако Надал имаше загревачки меч сигурно нема да му биде лесно идното коло затоа што ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Ник Кириос и Карен Хачанов.

Надал единствената титула во Мелбурн ја освои во 2009 година.

Французинот Гаел Монфис го запре квалификантот Ернест Гулбис од Летонија кој моментално е 256. тенисер на светот. Десеттиот носител славеше со 7:6(2), 6:4 и 6:3 за нешто помалку од два и пол часа игра.

Неговиот нареден противник ќе биде Австриецот Доминик Тим кој во четири сета беше подобар од Американецот Тејлор Фриц 6:2, 6:4, 6:7(5) и 6:4.

А Русинот Андреј Рубољов исто така обезбеди место во осминафиналето после триумфот над Белгиецот Давид Гофан во тежок и неизвесен меч 2:6, 7:6(3), 6:4, 7:6(4). 24-годишниот руски тенисер во следната рунда ќе се бори со подобриот од мечот Зверев-Вердаско.