Ристо Магдинчев, еден од нашите најпознати ракометни стручњаци, специјално за читателите на СПОРТМЕДИА, го искоментира финалето.

„Најпрво да кажам дека Карачиќ направи чекори, македонските судии правилно ја проценија ситуацијата. А тоа Лино што го кажа на тајм-аутот е повеќе во афект. Секако дека не мислел навистина да ги опцуе судиите, кои искрено воодушевија со својата арбитража. Браво и за двајцата, покажаа како треба да се отсуди едно финале. Неприментни беа, но секогаш на вистинското место. Секоја чест. Кога сме кај тој момент во финишот, секако дека Карачиќ направи кикс, тој беше еден од пресудните моменти за тоа кој ќе биде победникот. На секого тоа може да му се случи, а се виде во тие моменти дека и заморот си го направи своето“.

ОДБРАНИТЕ ОДЛИЧНИ, ЗАТОА ИМАШЕ МАЛКУ ГОЛОВИ…

„И двете селекции почнаа со одбрани 5-1. Тоа кај Хрватите подобро функционираше, Дувњак по обичај беше командантот. Додека пак кај Шпанците тоа тешко одеше, имаше доста простор, очигледно дека Мороз и Гвардиола не беа на ниво. Но тогаш шпанскиот селектор направи перфектен потег. Ја смени формацијата во 6-0. А Лино пак ги стави на клупата Дувњак и Карачиќ со цел малку да ги одмори, тука нема замерки, и јас би го направил истото. Со ова, но и со  добрите интервенции на Де Варгас селекцијата на Шпанија се враќаше во игра. Хрватска полека се губеше. Сакам да кажам дека своја улога имаше и фактот дека Македа и Кањелас играа добро кога беа заедно. Тоа е така поради тоа зошто во последните десет години постојано играат заедно во исти клубови и добро се познаваат. Генерално одбраните беа добри, тоа беше лекција за сите како треба да се игра одбрана во ракометот. Па резултатот од 22:20 кажува дека имало малку голови во ова финале, а за тоа „виновни“ се добрите одбрани“.

ХРВАТСКА ЈА „ФАТИ“ ЗАМОРОТ…

„Инаку треба да се каже дека во однос на Шпанија, селекцијата на Хрватска беше хендикепирана. Па таа во полуфиналето одигра плус едно полувреме, тука мислам на продолженијата од мечот со Норвешка. И затоа се случи тоа што се случи во финишот, имено одморен Карачиќ тоа секако дека ни во сон не би го сторил. Сакам да кажам нешто и за Душебаев. Точно е дека го постигна тој гол со кој ја завери победата, но тој не беше на своето ниво. Една од послабите негови партии во селекцијата на Шпанија. Но се смета, односно сега е важно само дека освоено е златото. Хрватска може да биде задововолна и од ова второ место. Пред првенството ретко кој, па и јас, не веруваше дека таа селекција ќе стигне до завршниот натпревар. Но, со многу борба, знаење и квалитет  Хрватска покажа дека на неа секогаш мора да се смета. Шпанија реков дека заслужено е прва, покажа најмногу на ова ЕП, единствена селекција без пораз, но тука мора да кажеме дека Франција и Данска, кои разочараа, ги немаше во полуфиналето. Со нив, но во вистинска форма, не знам како Шпанија би се носела. Сосема за крај да кажам дека видовме убаво, квалитетно финале, интересно, содржајно, неизвесно. Јас сум задоволен“.