Пред 27 години во сообраќајна несреќа загина Дражен Петровиќ, најголемата легенда на европската кошарка. Најголемиот, кошаркарскиот „МОЦАРТ“. Никогаш Европа, Балканот, секако не и Хрватска, не го прежалија. Вчера загина Коби Брајант, еден од најголемите во светот, најголемиот ЛЕЈКЕР на сите времиња, што би рекол Меџик Џонсон, а неговиот збор мора да се сфати сериозно.

И двајцата ја делеа таа страст за кошарката, и двајцата беа бекови – поентери, и двајцата сакаш да ги имаш само во својот тимм, никако против себе. Идоли на милиони деца, млади кошаркари. Се издвојуваа со својот победнички менталитет.

Коби и Дражен, уф, каков тандем тоа ќе беше.

Дражен го нема од 1993 година, Коби од вчера, но вечно ќе бидат славени во името на кошарката.

Животот понекогаш е суров, знае да ги замрси сметките. И уште еднаш повик до тој што одлучува за тие човечки судбини. Па добро, зошто кај себе ги земаш само најдобрите? Зошто?

Е, па, ако е така, тогаш Коби и Дражене една молба до вас. Кога ќе се сретнете таму горе, одиграјте „еден на еден“, за себе, за нас…не мора да кажувате кој победил.