На Комеморацијата на големата кошаркарска легенда Благоја Георгиевски – Буштур, пријателите, роднините, соработниците скршени од болка и длабока тага споделуваа заеднички моменти, го славеа ликот и делото на Буштур, во неверување дека останаа без инспирација, татко, пријател, тренер, учител…
Сите кошаркарски работници, тренери, судии, челниците на КФСМ, првите луѓе на МОК предводени од претседателот Васил Тупурковски, кој и говореше на Комеморацијата, директорот на АМС, Дарко Каевски, водечките лица во повеќе национални федерации … кошаркарски и ракометни легенди… денеска присуствуваа во салата во хотелот „Хилтон“.
Тие беа едногласни дека нема доволно зборови, простор и време за да раскажат и прераскажат за сите големи дела на Буштур на теренот, но и надвор од него. За неговата скромност, големина, човечност, пријателство…