Управниот суд во Белград ја отфрлил тужбата на ФК Партизан за титулата која ФК Црвена звезда ја освои во далечната 1946 година. Имено, „црвено-белите“ во март минатата година доставиле иницијатива со барање Собранието на Фудбалската асоцијација на Србија, како највисок орган на Здружението, да ја признае титулата.

На седницата на Правната комисија тоа барање било прифатено, така што Партизан веднаш се решил за тужба. Во одлуката на Управниот суд објавена денеска се вели дека жалбата на тужителот е отфрлена, а оспорено е и барањето за надомест на трошоците.

Против оваа одлука беше и Спартак Суботица, кој смета дека и тие треба да се сметаат за шампиони таа 1946 година, затоа што ја освоиле титулата во тогашното првенство на Војводина.

Интересно е што во една ваква ситуација и ФК Вардар може да поведе судски спор за одземената титулата во 1987 година, која службено му беше припишана на Партизан.