Хувентуд не успеа да дојде до важна победа во рамките на петото коло во Топ 16 фазата во Еврокупот, откако на гостувањето кај М. Андора беше совладан со 90-89 во последните секунди од мечот.

Ова беше доста неизвесен натпревар, домаќинот влезе мотивиран и покрај тоа што веќе одамна ги изгуби шансите за место во плеј-офот, на другата страна тимот од Бадалона се бореше за продолжување на сонот наречен пласман во следната рунда.

По овој пораз Хувентуд ќе навива за Тофаш да ја совлада Уникаха и на тој начин да го продолжи сонот за место во следната рунда.

МораБанк Андора поголем дел од мечот имаше водство, но Хувентуд се приклучи во дуелот во последните десет минути. Успеа да го превземе водството, во последните три минути клучни два поени имаше токму Димитријевиќ реализираше за 77-80. На нецели три минути до крајот беше 79-84, но неколку промашувања во серија го вратија домаќинот во игра, кој поведе 85-84.

Нено се врати во игра (поради четири лични грешки беше повлечен), го пронајде Лопез кој постигна тројка за 85-87. Хувентуд не успеа да го одржи минималното водство, Препелиќ беше половично непрецизен од линијата за слободни фрлања, на другата страна стигна казна. Останаа две секунди, Нено не успеа со тројка да донесе радост.

Македонскиот репрезентативец и на оваа средба беше одличен. Во игра мина 20. минути за кои запиша 14 поени (0/3 за три, 5/6 за два, 4/4 за еден поен), еден скок и шест асистенции.