Претседателот на Барселона, Хозеп Марија Бартомеу, вчера во текот на целиот ден бил „тампон зона“ меѓу завојуваните страни во клубот, пишуваат шпанските весници. Според информација на „Марка“, Бартомеу во обид да ја смири ситуацијата во клубот која се распламти по коментарите на Абидал за играта на фудбалерите и нивната посветеност на натпреварите и тренинзите и жестокиот одговор на Меси, вчера имал долг телефонски разговор со Абидал.

Бартомеу со спортскиот директор разговарал за неговите изјави, осудувајќи ги играчите, но не можел да се види лично, бидејќи е на пат. Пред да се слушне со Абидал, претседателот на Барса  неколкупати разговарал и со Меси за да се намали напнатоста. Бартомеу отворено му кажал на Меси дека нема намера да го разреши Абидал и дека спортскиот директор останува на функцијата, барем засега.

И Абидал и Бартомеу ќе патуваат денеска во Билбао каде Барселона се среќава со Атлетик Билбао во Купот. На патувањето би можело да има состанок помеѓу спортскиот директор и Лео Меси, или пред или по средбата, иако оваа точка не е потврдена. На овој начин, Бартомеу ќе се обиде да ја запре лавината која тргна со директната конфронтацијата меѓу Абидал и Меси.