Американецот Демиер Питс беше херојот на Работнички, кој му донесе победа од 76:74 на две секунди до крајот на мечот со Еуро Никел, последниот дуел од 15. коло од најсилната домашна кошаркарска лига.

Работнички имаше предност од 73:69 на минута до крајот, но гостите успеаја да изедначат на 74:74 на осум секунди до крајот на мечот, а по тајм-аутот,  тимот од „Градски парк“ ги реши сите дилеми.

Еуро Никел одигра одлична трета четвртина и во последниот период влезе со плус пет 50:55, но не успеја да дојде до победа и покрај тоа што имаше шанса. Исто така гостите пропуштија и на капитенот Јане Петровски да му го честитаат 35. роденден со победа над Работнички.

Младеновски со 17 и Мијатовиќ со 14 поени беа најефикасни кај Работнички, додека Питс постигна 13 поени. Кај Еуро Никел, Каплановиќ имаше 21 поен, додека Бакоч и Караколев постигнаа по 10 поени.