Овој викенд стартува пролетната полусезона во ПМФЛ. Борец од Велес, според табелата, е еден од оние кои ги чека жестока битка за опстанок. Велешани имаат 20 бодови и се на осмата позиција, еден повеќе од Ренова и пет од Работнички.

За тоа дали Борец може да се спаси и да го избегне најлошото, свој коментар има тренерот Горазд Михајлов, кој за СПОРТМЕДИА говори и за други работи поврзани со клубот кој минатото лето по долги, долги години се врати во елитата.

„Па, секако дека верувам во мојата екипа, верувам дека Борец може да се спаси. Сите ние во клубот, од играчите, стручниот штаб, раководството, потоа навивачите веруваме во таа мисија. Се знае дека ќе биде тешко, напролет секогаш потешко се освојуваат бодови. Сепак ние сме максимално подготвени за сите предизвици што не очекуваат во следните 18 кола. Знаеме каде бевме добри есеноска, знаеме каде бевме  лоши. Направени се анализи, знаеме колку вредиме и еве, тргнуваме во таа мисија. Можеби некои не отпишуваат предвреме, но ние сме Борец, ќе дадеме се од себе за да и следната сезона играме во ПМФЛ“ вели Михајлов.

ОДЛИЧНИ ПОДГОТОВКИ ВО ГРЦИЈА

Како ретко која наша екипа, дел од зимските подготовки Борец место во Анталија, ги одработи во Грција.

„Благодарение на раководството на клубот, поточно на газдата Кочо Анѓушев, ние имавме идеални услови за работа во спортскиот центар Атепмон, во градчето Галикос. Одигравме и две пријателски средби со респектабилни екипи, едната средба се одигра под рефлектори. Можам да кажам дека се она што беше зацртано во мојот план пред стартот на подготовките е остварено. Сметам дека максимално подготвени сме за тоа што не очекува. А веќе во недела гостуваме на Чаир каде се среќаваме со Шкупи. Што се однесува до екипата, до зимскиот преоден рок, сега не можам да кажам дали сме посилни од есеноска. Си заминаа неколку играчи, но „костурот“ остана. Дојдоа Фернандо Силва, потоа Радовиќ, Ристевски, Десниќ, Анастасов, Јоциќ, мислам дека добро сме екипирани, но дали е така ќе се види на теренот, на натпреварите во пролетниот дел“ смета стратегот на велешани. 

ГОРАЗД 1,5 ГОДИНА НЕМА ПОРАЗ ДОМА

Интересен податок кога станува збор за Михајлов. Имено тој откако е на клупата на Борец, а тоа е нешто помалку од две години, велешани немаат пораз дома. И во есенскиот дел во ПМФЛ тој тренд продолжи, дали така ќе биде напролет, останува да се види.

„Да, точно е тоа дека под мое водство екипата на Борец на официјален натпревар нема забележано пораз дома, а тука доаѓале екипи како Шкендија, Вардар, Работнички и другите. Сега не можам да го откријам кој е рецептот, мене многу не ме интересира статистиката, ние одиме од натпревар во натпревар, но точен е тој податок. Се надевам дека и напролет нема да доживееме пораз, но затоа мораме на гости да бидеме подобри. Ете есеноска од гостинските натпревари освоивме само еден бод. На крајот сакам да им порачам на нашите верни навивачи, кои беа со нас во минатата полусезона, да дојдат да навиваат за Борец. Само со нивна помош, така заедно, можеме да ги оствариме амбициите, а тоа е опстанок во Првата лига“ заврши Горазд Михајлов.