Ракометарите на Еурофарм Пелистер и битолската публика се подготвени вечерва (20:15 часот) да го дадат најдоброто од себе во осминафиналниот реванш во „Боро Чурлевски“ против хрватски Нексе.

Клубот и градот 15 години чекаат успех како овој, со оглед на тоа дека последен пат на интернационалната сцена толку долго издржале во 2002 година кога играа во финалето на Челинџ купот.

„Фармацевтите“ во реваншот влегуваат со негатива од три гола (23:20) по првиот меч во Нашице, но решителноста во нивните изјави, како и фактот дека салата е распродадена и дека на трибините ќе ја имаат поддршката и од „Чкембари“ покажува дека се подготвени за историја.

Позитивен момент за стратегот Жељко Бабиќ е дека екипата ќе биде комплетна со враќањето на Бојан Маџовски и Ловро Лотиќ, па ќе можат со полна сила да нападнат кон четвртфиналето.