Не можеше ни да замисли Стевче Алушовски дека премиерата на клупата на Вардар пред домашната публика ќе ја има во едни вакви тешки услови за „црвено-црниот“ тим.

Заминувањето на Кристопанс и Атман на три дена пред дуелот со Мотор Запорожје го стави во тешка позиција и тимот, но и стратегот кој сега мора да смисли како понатаму без нив со и така скромниот ростер.

„Тежок натпревар за нас. Знаете дека имаме проблеми со играчкиот кадар, двајца важни играчи си заминаа, куси сме во ротацијата… Играчите се свесни со што се соочуваме и максимално се фокусирани на она што ни претстои. Тие покажаа карактер и во минатото, знаат како да се кренат над проблемите и да излезат како победници кога тоа е најпотребно, а тоа ми влева оптимизам. Ова ни е прв меч годинава пред домашната публика, ние сме актуелен европски првак без разлика на се и се надевам на победа, која ќе го потврди нашето место во осминафиналето.

Ги повикувам сите искрени навивачи да ја исполнат салата и да се радуваме заедно на победа“, изјави тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.