Ернесто Валверде, човекот кој со Барселона освои две шампионски титули во Шпанија ужива во одморот бидејќи е слободен откако доби отказ од каталонскиот гигант. Претходно тој работеше во Валенсија, Атлетик Билбао, а и во грчкиот Олимпијакос. Чека понуди, но во една изјава вели дека не би сакал во Премиер лигата.

Луѓето ме прашуваат дали би сакал во Премиер лигата? Јас им велам, повеќе сакам да одам во Австралија“, изјави 56-годишниот тренер и продолжува:

Кариерата во фудбалот не трае вечно и понекогаш мислите дека треба да ја искористите можноста да живеете и работите на чудни места. Му аплаудирав на Андрес (Иниеста) кога ми кажа дека ќе оди во Јапонија. Си реков, сака да запознае поинаква култура и поинакви луѓе. И јас би сакал така“, изјави Валверде кој освен што е фудбалски тренер е и фотограф.

Би направил убави фотографии во Јапонија. А има многу места кои би сакал да ги видам. Ќе видиме што ќе се случи. Се уште сум кратко без работа, па не сум одлучил што понатаму. Во моментов немам чиста идеја. Можеби ќе се пробам некаде во странство. Искрено, сакам да видам поинакви работи“, додаде шпанскиот стратег.