Победнички старт на Вардар оваа пролет. Совладана е Македонија ЃП со 3:1 во скопската дерби пресметка. Вардар очигледно знае како да победува и кога не игра којзнае колку екстра квалитетно. Вардар го зададе првиот пролетен удар, сега нека му мисли Шкендија, која пред утрешното дерби на колото во Струмица, кај Академија Пандев, има минус 11 бодови.

Солдино дерби на Арената „Тодор Проески“, секако кога ќе се постигнат четири голови, неколку поништени поради офсајд. Се чини дека „лавовите“ мораа и можеа да извлечат многу повеќе од тие 1:3. 

ГАЧЕВСКИ СПАСУВА, ЖУНИОР СТРЕЛА ЗА ВОДСТВО

Слаби, неинтересни први 45.минути од скопското дерби. Вардар почна како во грч, не беше тоа ни сенка од оној есеноски тим кој просто ги „кршеше“ своите ривали со силен ритам. Македонија ЃП тоа и искористи и од 15-тата минута како да беше поактивна. Во 24.минута Божиновски убаво шутираше, но Гачевски не дозволи гостински водство. Три минути подоцна Гачевски киксираше а Мишевски не се снајде убваво, пропадна уште една шанса за водство на „лавовите“. Вардар првиот удар кон голот на Јовановски го упати во 34.минута, но Цветановски шутираше над голот. Тоа како да беше најава за прекрасната акција на Матеј Цветановски по левата страна, потоа одлично асистираше до Леовигалдо Жуниор на кого не му беше тешко да ја погоди празната мрежа за водство и радост на вардарци.

ГОЛЕАДА ВО ВТОРОТО ПОЛУВРЕМЕ

И дочекавме голеада. Отворена игра, грешки, шанси и голови, тоа најубавото во фудбал. Се почна во 49.минута кога по грешката на одбраната на „лавовите“ младиот напаѓач Џемаил Ибиши зголеми на 2:0. Претходно нафрли Брдаровски. Вардар продолжи со атаците, се играше 59.минута кога Цветановски се најде очи во очи со Јовановски и рутинирано стрела за 3:0. И тоа не беше се од головите, но седум минути подоцна се тресеше домашната мрежа. Паду Карваљо од десно, од тешка позиција од околу 20 метри постигна прекрасен гол за ублажување на водството на Вардар. На крај Гачевски ја спаси својата мрежа по ударот на Тантуровски.

ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП 3:1 (1:0)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Игор Стојчевски (Скопје). Стрелци: Жуниор 37., Ибиши 49., Цветановски 59. (ВАР), Паду Карваљо 66. (МАК). Ж. Картони: Младеновски, Најдовски, Гачевски, Попзлатанов (ВАР). 

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Најдовски, Жуниор, Ибиши (74. Колевски), Мицевски, Цветановски (85. Адем), Новак, Попзлатанов (Велковски), Новак, Младеновски.

МАКЕДОНИЈА ЃП: Јовановски, Китановски, Мишевски, Атанасковски (82. Петров), Божиновски, Блажевски, Робсон да Силва, Ковачев, Воша (46. Јашаровски), Емини (67. Тантуровски), Карваљо Паду.