Нашиот најдобар ракометар Кирил Лазаров и неговиот Нант стигнаа до втората победа во групната фаза од ЕХФ купот, на гостувањето кај Горење Велење, 35:25 (19:12).

Лазаров на овој начин го „одмазди“ Металург со оглед на тоа дека словенечкиот тим го елиминираше Металург во последниот филтер пред групната фаза. Десниот бек одигра одличен меч и постигна четири погодоци од пет обиди.

Нант доминираше во текот на целиот меч и имаше константна резултатска предност, додека Горење иако имаше обид да се врати во вториот дел, успеја да стигне само на три негатива 20:23, пред францускиот тим одново да наметне свое темпо и да дојде до рутинска победа.

Валеро Рибера со девет гола беше прв стрелец на мечот, додека кај Горење, Матич Вердинек постигна осум погодоци.

Следната недела Лазаров и Нант ќе го пречекаат Магдебург на Филип Кузмановски во битката за првото место во групата, со оглед на тоа дека по две кола двата тима се непоразени.