Амо некој знае како се победува Шкендија, како се победува актуелниот шампион, тоа секако дека е Академија Пандев. Посебно во оваа сезона. Во есенскиот дел момците на тренерот Југослав Тренчовски славеа против тетовци на двата меча со по 1:0, и освоија шест бодови. 

Денеска во Струмица одново доаѓа Шкендија, тим кој што откако Академија Пандев е прволигаш, триумфирал само еднаш на теренот на „пандевци“. Дербито на 19.коло или првото пролетно започнува во 13 часот, а ќе има и директен пренос на ТВ Арена и МРТВ.

За тоа што може да се очекува од овој натпревар, кој сите со нетрпение го очекуваме, свој коментар има Југослав Тренчовски, стратегот на „пандевци“.

“Играме против актуелниот шампион, играме против една исклучитело квалитетна екипа. Бесарт и Агим Ибраими, Тотре, Радески, Алими, ајде да не ги набројувам сите, тоа се класа фудбалери. Јас лично ја респектирам Шкендија, и затоа сметам дека на ова денешно дерби тетовци влегуваат како фаворити. Но тоа не значи дека ние нема што да покажеме, ќе одиграме максимално борбено, ќе одиме на добар резултат за нас. Имаме проблеми со составот, ослабени сме. Поради суспензија нема да настапи Стојкоски, додека повредени се Милан Басрак и Томислав Илиев. Сепак тие што ќе настапат верувам дека ќе го дадат максимумот“ изјави за СПОРТМЕДИА шефот на стручниот штаб на Академија Пандев.