Одбојкарите на шампионот Џио Струмица со убедливи 3:0 (25:10, 25:13, 25:12) славеа над УГД Студент во последниот меч од отворањето на Втората фаза-1 во машкиот одбојкарски шампионат на Македонија. Бранителот на двојната круна ја оствари осмата победа и се врати на негатива од еден триумф во однос на водечкиот Вардар. „Црвено-црните“ во саботата очекувано ја совладаа Весна Пробиштип, па и натаму се единствена екипа со максимални девет победи.

Екипата на Универзитет во Тетово му се реваншираше на локалниот ривал Лирија за поразот во есенскиот дуел, откако беше доминантен и славеше по три сета. Со две победи по ред, односно три на последните четири средби, ланскиот финалист во купот го презеде третото место на табелата.

Во Втората фаза-1 во којашто три екипи играат за да го одредат конечниот пласман во тековната сезона, ГОК Борец дома ја совлада Дибра волеј со 3:0 и го презеде првото место во овој натпреварувачки сегмент. Велешани имаат две победи, идентично како Шкендија, но досега освоија два бода повеќе. Дибра волеј се уште нема првенствена победа.

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (1.коло)

Џио Струмица – УГД Студент 3:0 (25:10, 25:13, 25:12)

Универзитет во Тетово – Лирија 3:0 (25:13, 25:23, 25:18)

Вардар – Весна Пробиштип 3:0 (25:11, 25:20, 25:10)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (1.коло)

ГОК Борец – Дибра волеј 3:0 (25:9, 25:15, 25:21)

***Во ова коло слободна беше екипата на Шкендија