Барселона има намера да ја прекине соработката со „ПР“ компанијата која го поддржуваше претседателот на клубот, Хосеп Марија Бартомеу, а ги критикуваше фудбалерите на тимот на социјалните мрежи, пренесува Мундо Депортиво.

Според изворот, каталонскиот клуб решил да се откаже од услугите на компанијата која за главна задача имаше одбрана на угледот на Бартомеу и управниот одбор на клубот на социјалните мрежи, а за возврат не штедела критики кон играчите на сегашниот тим.

Претходно беше објавено досие во кое беше потврдена соработката на Барселона со оваа компанија. Од профили кои се формирани од оваа „ПР“ компанија на социјалните медиуми е забележано ширење на критики кон Лионел Меси, Жерард Пике и други фудбалери. Интересно е што шефот на оваа компанија бил десна рака на Бартомеу во други бизнис сфери.