Екипата на РБ Лајпциг оствари значајна победа во првиот меч со англиски опонент во Лигата на шампионите. Вечерва „биковите“ триумфираа на „Вајт Харт Лејн“ со 1:0 во првиот осминафинален меч и со предност ќе го дочекаат реваншот на домашен терен.

Голот на одлука падна во 58 минута. Бен Дејвис направи прекршок за пенал, а судијата Џунејт Чакир покажа на белата точка. Пеналот го изведе Тимо Вернер кој мирно шутираше покрај левата статива, а голманот Јорис беше немоќен.

Тотенхем имаше шанса да изедначи но ударот на Ло Селсо во 73 минута го спречи голманот на Лајпциг Гулаши. Чуварот на мрежата на Германците одлично реагираше и при слободниот удар на Ламела во финишот на мечот.