Бекот на Ливерпул Ендрју Робертсон е разочаран од поразот на неговата екипа на „Метрополитано“ во првиот осминафинален меч во Лигата на шампионите. Тој смета дека „црвените“ заслужиле повеќе од пораз во Мадрид, но верува во пласман понатаму.

„Тоа беше среќен гол кој им ја даде посакуваната предност. Тој гол им даде крила, а и фановите беа зад нив и постојано ги туркаа нанапред. Не можевме да играме во нашиот ритам, имаше премногу прекини, премногу лежења по теренот и тоа ги фаворизираше домаќините.

Тие ја исполнија целта. Победија минимално, сега се радуваат како да се веќе во четвртфиналето, но се уште не е готово. Ќе ги видиме на Енфилд. Таму ќе биде поинаква песна. Пред нашите бучни навивачи“, изјави Робертсон.