Настапот во најсилното европско клупско натпреварување, капитенот на националниот тим Никола Ѓоргиев и неговиот Фридрихсхафен го завршија со пораз од 3:0 (25:21, 25:21, 25:22) на гостувањето кај Закса Козле и како третопласирани во групата Е се збогуваа со Европа.

Со оглед на тоа дека беше познато дека нивниот престој во Лигата на шампионите ќе заврши во групната фаза, Ѓоргиев и соиграчите не форсираа, односно одиграа еден меч во кој му парираа на полскиот тим до самиот крај, но притоа и не ризикуваа.

Коректорот средбата ја заврши со 9 поени (8 од напад и еден ас сервис) и Ѓоргиев заедно со неговиот соиграч Томас Криско, кој имаше ист број на поени беа најефикасните играчи на средбата.

Фридрихсхафен сега силите комплетно ќе ги насочи кон Бундеслигата, односно кон одбрана на шампионската титула.