Се одиграа првите осум натпревари од 1/16 финалето на Лигата на Европа, а изненадување имаше во Клуж односно Мадрид. Романскиот првак ЦФР Клуж беше на прагот на изненадување против Севиља, мајсторот за освојување на титулата во второто по квалитет европско клупско натпреварување но не успеа да стекне предност. Поведе со голот на Сипријан Деак од пенал во 59 минута откако судијата Дениз Ајтекин после проверка со ВАР досуди 11 метри. Севиља изедначи во последните минути од мечот преку Ел Несири.

А Ајакс на општо изненадување изгуби на гостувањето во предградието на Мадрид. Дејверсон со голот во 38 минута му донесе водство на Хетафе над холандскиот гигант, а пред последниот судиски свиреж погоди и Кенеди за конечни 2:0!

 

Спортинг Лисабон со 3:1 го растури турскиот Башакшехир. Стефан Ристовски одигра цел меч, а во 44 минута му асистираше на Шпорар за водство од 2:0.

Интер го победи Лудогорец во гости. Данецот Кристијан Ериксен го постигна првиот гол во дресот на Интер откако стрелаше прецизно од далечина, а имаше уште една убава можност но ја погоди пречката. Во финишот Ромелу Лукаку од пенал ги постави конечните 2:0 во Разград и Интер веќе се гледа себе си како осминафиналист.

 

А Ајнтрахт го размонтира Салцбург. Тимот од Франкфурт со 4:1 го победи австрискиот шампион и стекна солидна залиха за реваншот во градот на Моцарт.

Бриж и Манчестер Јунајтед ремизираа 1:1. Белгијците поведоа, а „ѓаволите“ изедначија преку Марсијал.

Во другите мечеви: Копенхаген – Селтик 1:1, Шахтјор – Бенфика 2:1.