Директна битка за петтото место во групата Б ќе води европскиот првак Вардар со Порто, утре на гостински терен (16 часот), во претпоследното коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

Меч подеднакво и важен и тежок, не само поради комплетната ситуација во „црвено-црните“ редови, туку и поради фактот дека Порто пред своите навивачи и „тврд орев“, а и за нив овој натпревар е од исто значење како и за вардарци.

Решителноста и карактерот кој Вардар го има презентирани низ сите овие години, како и фактот дека носи епитет европски првак е она на што Порто е и тоа како свесен во пресрет на мечот.

„Во Скопје одигравме одлично во првото полувреме, но во вториот дел многу грешевме и на крајот загубивме. Сега ќе биде поинаку, играме на домашен терен, а за нас овој натпревар е како финале, бидејќи сакаме да завршиме петти во групата. За такво нешто неопходно ни е да славиме против Вардар. Не се залажуваме со нивните проблеми, знаеме колку е тешко да се победи актуелниот европски првак без оглед на фактот што неколку ракометари си заминаа“, вели средниот бек на Порто, Мигел Мартинс.