Репрезентацијата на Русија направи една промена во составот за дуелот со Македонија. Крилото на Зенит Владислав Трушкин ќе му биде на располагање на селекторот Сергеј Базаревич.

Рускиот тим со специјален чартер-авион од Неапол, по четири и пол часа слетал во Урал во раните утрински часови. А по одморот, реализира и тренинг. Денеска ќе имаат уште еден, на кој ќе се појави и Трушкин, кој во четвртокот настапи за Зенит во евролигашкиот меч против Алба од Берлин, и одигра само осум минути без особен ефект.

Во составот на Русија ќе го нема вториот планиран играч од редовите на Зенит, Андреј Зубков, но противникот се надева дека ќе дојде до првата победа во квалификациите за место на ЕП 2021.

Александар Тодоров, пред заминувањето за Перм беше принуден да направи измена во нашиот состав, поради повреда на листот, Ненад Димитријевиќ не отпатува со тимот, на неговото место ќе биде Виктор Ефремовски.

Мечот Русија-Македонија се игра во недела, од 16 часот по македонско во салата „Молот“ во Перм.