Звучи чудно, но така е. Досега во шампионатот, а изминаа 19.кола, замислете, само Борец нема домашен пораз. Само Велес не е „освоен“ од никој, па ни од оние најголемите во ПМФЛ. Дали тоа ќе биде Вардар, лидерот на табелата, ќе биде првиот кој што ќе го победи составот на стратегот Горазд Михајлов, кој пак како тренер на велешани дома нема пораз цела 1,5 година. 

Вардар на првото гостување во Велес во првенството одигра 0:0 против борбениот состав на велешани. Еве им втора шанса на вардарци, да покажат кој е кој, но може ли некој така лесно да го отпише жилавиот Борец, кој никогаш, ама баш никогаш не се предава предвреме. Михајлов одново како свој адут ќе го има Прелчец, тука е Бразилецот Фернандо Силва. Кај Вардар пак во тимот се враќа Даниел Аврамовски. 

Борец сака да дојде барем до бод, Вардар пак мора да победува ако сака да ја задржи таа комотна бодовна предност од осум бодови пред Шкендија. Првиот меч од 20.коло меѓу Борец  и Вардар се игра попладнево во Велес со почеток од 14 часот. Ќе биде пренесуван на ТВ Арена спорт и МРТВ. Судија ќе биде Александар Ставрев.