Работнички и дефинитивно добива нов херој. Иако е млад, има само 18 години, тој Давид Тошевски е бисерот на клубот од Градски парк, кој буквално сам му донесе шест драгоцени бодови во првите пролетни кола. Биланс кој значи дека сега Работнички има реални шанси да избега од дното на табелата.

Посебно Тошевски импресионираше на денешниот меч со Шкупи, кога по двете одлични акции на Петар Петковски, двапати го матираше чаирскиот голман и му донесе нов триумф на својот тим.

Тошевски за СПОРТМЕДИА по денешното скопско дерби и победата над Шкупи од 2:1 истакна…

„Нема што, пресреќен сум што со моите голови Работнички победува. Ветувам дека ова не е се од мене, чувствувам дека можам уште повеќе, уште подобро. Секако дека за головите голема улога има целиот тим на Работнички, јас само ги крунисувам акциите, како што беше денеска. Им благодарам на сите во клубот на поддршката, на раководството, на тренерот Ратко Достаниќ на довербата која ми ја укажува, а посебно му благодарам на Баже Илијоски, кој редовно и секојдневно ми помага во тоа како да ги тресам противничките мрежи. Тој најдобро знае како се прави тоа. Да кажам дека атмосферата во соблекувалната е одлична, само така да продолжиме, тоа многу ни помага да победуваме. И за крај, да нагласам дека не се многу важни моите голови, многу поважно е да избориме опстанок, а во Купот да го освоиме пехарот. Е тогаш ќе кажам дека и јас сум завршил голема работа“ изјави Давид  Тошевски.