Денеска во 14 часот, во дербито на 20 коло во ПМФЛ, во Кратово се среќаваат Силекс и Шкендија. Тоа ќе биде и битка за втората позиција на табелата, имено тетовци во пресрет на овој меч имаат само бод предност, и во случај на пораз ќе паднат на третата позиција. Но за Шкендија сепак е поважна битката за титулата, а таму Вардар по вчерашниот триумф во Велес сега скокна на +11 бодови и меч повеќе. Затоа велиме дека шампионот е на потег, само победа им одговара на момците на тренерот Ернест Ѓока, се друго ќе биде рамно на катастрофа за Шкендија.

Силекс пак си има свои математики. Кратовци под водство на стратегот Горан Симов оваа сезона играат одлично, заслужено покажуваат и евро – амбиции. Во секој случај овој натпревар ќе биде исклучително борбен, динамичен, се надеваме полн со голови, а на крајот ќе се радува оној кој што ќе биде подобар. На последниот меч како домаќин составот на Силекс славеше со 1:0. Од друга страна традицијата вели дека Шкендија на последните 17 меѓусебни мечеви има 13 победи, две ремија и само два порази, и двата во Кратово. Вкупниот биланс на Шкендија против Силекс е 30 победи на 45 средби, само седум ремија и осум порази, со гол разлика 92:41 голови.