Кој ли само можеше да претпостави дека уште во февруари, поточно на 23 февруари или денеска, Шкендија, убедливо по квалитет нашиот најдобар тим, нашиот актуелен првак, ќе каже – Чао, чао титуло. Денеска тетовци не смееја по никоја цена да не победат во Кратово, не смееја по никоја цена да „кикснат“, со оглед на победата на Вардар вчера во Велес. Но, момците на тренерот Ернест Ѓока одиграа само 0:0 со жилавиот Силекс, кој се бореше машки да не загуби, и успеа во тоа.

Па така сега, иако до крајот има да се играат уште 16 кола, има уште многу бодови да се освојат и загубат, сепак се чини дека денеска се реши пролетната битка за титулата. Тие десет бодови предност Вардар тешко дека ќе ги испушти, посебно ако се знае дека лидерот и кога игра добро, и кога игра помалку добро, победува се по ред. Додека Шкендија се мачи, како тоа денеска што беше случај. Јасно е дека од Шкендија никој, па дури ни нејзините фанови, нема да кажат дека се е готово. Но математиката е таа, Вардар сега бега дури десет бодови.

Ние ова го претпоставувавме уште пред еден месец, уште на подготовките во Анталија. Шкендија самата си е виновна, и за тоа мора некој да сноси одговорност. Шкендија е клуб каде што парите не се проблем, но е и клуб која „одигра“ катастрофално оваа зима. Не само што не се засили, туку екипата е ослабнета. Но и со овој состав, со оваа Шкендија, Ѓока мораше да се прошета низ пролетниот дел, и не само да го стигне Вардар туку и да го престигне.

Но…едно се желбите, а сосема друго реалните можности на стратег каков што е Ѓока.