Два порази на стартот на квалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година е епилогот на македонската кошаркарска репрезентација во овој февруарски прозорец.

Видовме две различни лица на нашиот најдобар национален тим. Во Скопје избраниците на Александар Тодоров испратија загрижувачки сигнали, на Естонија и дозволија да се чувствува комотно како да игра дома и притоа да замине со целиот плен.

И покрај неветувачката игра, кошаркарите без Ненад Димитријевиќ, во Перм дадоа мал импулс надеж дека сепак има потенцијал во овој состав. Против Русија одиграа поинаку, па дури имаа и водство, па на крајот и шанса да дојдат до сензација. Малку среќа, но и искуство пресудија.

Капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски за СПОРТМЕДИА даде краток осврт за двата меча.

„Искрено, поразот од Естонија сега боли повеќе. Видовме дека можеме многу подобро, видовме дека имаме потенцијал. Штета, навистина голема штета што не го искористивме домашниот терен, имавме и полна сака, сите услови за победнички старт“, вели Војдан.

Добро се носевме со Русија во Перм, но во самиот финиш не реализиравме за неизвесна завршница.

„Се боревме, навистина игравме добро, мислам дека ни фалеше малку сила и среќа во финишот. Оваа е играта која треба да ја негуваме во иднина, без разлика што сега изгубивме. Треба да биде борбени во сите 40. минути, треба да веруваме во сопствените сили, не треба да гледаме на противниците со респект“, коментира капитенот, нашата главна сила во таборот, која во иднина ќе мора да има поголема помош доколку сакаме да отидеме скалило погоре.

Војдан, како и секогаш не ја губи вербата, што пак е најважно.

„Имаме доста време до следниот циклус. Би посакал прво да не служи здравје сите, да бидеме во комплетен состав. Тогаш ќе знаеме што не чека, верувам дека ќе одиграме подобро, ќе успееме да дојдеме до победа и да се вратиме на големо во трката за Европското првенство“.