Откако загубија со гол од пенал, и тоа во 100.минута, Академија Пандев на својот ФБ профил, по натпреварот излегоа со своја реакција за тоа како струмичани го видоа тој фамозен меч со Македонија ЃП во Ѓорче. А во дел од реакцијата „пандевци“ коментираат…

„Комичните одлуки на судиите Марјан Маркоски и Благојче Ралевски сепак на крај го решија победникот на натпреварот. Најпрво Маркоски поради повреда ги замени позициите со четвртиот судија Ралевски кој стана главен судија и му додели црвен картон на нашиот играч Стефан Костов во момент кога во игра имаше две топки, една со која нашиот бек Јованов изведе аут кон централниот дефанзивец Костов, и уште една топка во рацете на Костов дофрлена од надвор. Наместо судијата Ралевски да ја прекине играта и едната топка да биде исфрлена надвор, играта продолжи и играчите на Македонија ЃП ја зедоа топката кој ја додаде Јованов кон Костов и продолжија со игра, а Стефан се најде во ситуација да не бира средства како да ја запре играта. И кога сите помислија дека тоа ќе биде „најспорниот“ момент на натпреварот, на сцена стапи судијата Марјан Маркоски. Во последната минута од судиското надополнување Најденов ја удри нафрлената топка во шестнаесетникот на која играчите на Македонија ЃП бараа пенал. Главниот судија и помошникот кои беа на неколку метри не забележаа ништо и играта продолжи. На наредниот прекин Маркоски во улога на четврти судија го повика Ралевски и му сугерираше да ја врати играта и да досуди пенал поради играње со рака на Најденов. Ете можеби ние изгубивме натпревар, но среќни сме што македонскиот фудбал доби ВАР.“ се вели во реакцијата на Академија Пандев.