Македонската кошаркарска репрезентација со два порази во исто толку одиграни натпревари ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година. Нашите момци беа поразени од Естонија на домашен терен, а потоа во многу подобра игра беа совладани на гостувањето кај Русија.

Не чека тешка задача во битката за враќање на евро-сцената, оти следниот квалификациски циклус го дочекуваме од последното место на табелата во нашата група Б, зад лидерот Италија, нашиот прв противник во ноември (играме на гостински терен), Естонија и Русија.

Во индивидуалната статистика кошаркарите на Македонија ги нема во онаа Топ 10 листа.

Практично видовме нешто што веќе ни е познато. Војдан Стојановски максимално ја одработува својата улога на капитен и лидер. Војдан е на 12. место на списокот на играчи кои имале најдобар скор на еден меч, беше осамен против Естонија со 26 поени.

Ако бараме нешто позитивно, тоа може да биде Андреј Магдевски. Кошаркарот на МЗТ Скопје беше добар против Русија. На листа на ФИВА-Европа е осми на листата на најдобри реализатори од поле, тоа го стори против Русија. Имаше 6/8 или 75%.

Ѓуроски пак се издвои со реализацијата од линијата за три поени, тој е 19-ти кошаркар во овие квалификации кој на една средба има 75% од оваа позиција. Против Русија постигна три тројки од четири обиди.

За жал, еден кошаркар е прв на листата на изгубени топки. Ненад Димитријевиќ одигра само еден натпревар, против Естонија имаше пет загубени топки, и тој е прв во Топ 10. 

Нешто ново не видовме. Дебитантите кои беа подмладувањето немаа многу време за докажување на овие официјални натпревари. Сите добија скромни минути.

Сето ова говори дека тешко ќе оди патот кон ЕП 2021, следниот квалификациски прозорец е далечен. Останува да се надеваме дека Димитријевиќ ќе го имаме за двата меча, и дека од поразите ќе го извлечеме истото, нема да ја повториме истата лекција, дури и ќе успееме да покажеме нешто ново, оти старото го знаеме.