Македонската кошаркарска репрезентација важи за еден од оние домаќини во првиот квалификациски прозорец кој имал најмногу поддршка од трибините. Сето ова ќе беше супер, доколку на теренот против Естонија сликата ќе беше поинаква.

Вака или така, КФСМ го најде начинот како да ја врати публиката што е за поздрав, но за жал останува да се запамети само сликата, не и резултатот. Нашите момци не успеаја да ја искористат полната сала, можеби ја немаа најдобрата атмосфера, во која обично уживаат ракометарите, но сепак ја имаше.

Според оние бројки со кои излезе федерацијата на својата официјална страница, Македонија е во Топ 10. Во СЦ „Борис Трајковски“ присуствувале повеќе од 5.000 фанови.

На првото место е „Глоуб“ Арената во Стокхолм, дуелот Шведска-Турција го проследиле 11.390 гледачи.

Во Сарагоса, за пресметката меѓу Шпанија-Полска имало 8.661 фанови, додека пак Литванија-Чешка ја проследиле 6.591 навивачи.

Вкупно 5.257 Срби го видоа од лице место поразот на нивната земја од Грузија во Белград. Ние заедно со Босна, сме под Топ 5 листата.