Манчестер Сити ја запиша првата победа над Реал Мадрид. Тоа му појде од рака вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ на првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите. Иако губеше со 1:0, англискиот шампион го сврте резултатот во финишот на мечот на 1:2, резултат кој му дава добри шанси со победа на свој терен на реваншот да се пласира во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Иако Реал не играше фантастично, поточно беше во подредена улога против Сити, сепак, дојде во предност. Грешка на играчите на Сити на средината на теренот, противникот тргна напред, Винисиус додаде до Иско кој ја затресе мрежата.

Но Сити направи пресврт за пет минути. Прво Габриел Жесус изедначи, а потоа судијата покажа пенал. Карвахал направи глупост со тоа што собори противнички играч во својот шеснаесетник.

Де Брујн го погоди голот на Куртоа за победа од 2:1. За да биде ситуацијата за реваншот полоша Реал ќе патува во Манчестер без Серхио Рамос кој во финишот доби црвен картон поради фаул.