Машката одбојкарска репрезентација на Македонија одново ја чека долго, топло лето, полно со активности со оглед на тоа дека во периодот јуни – јули ќе игра во Златната Европска лига, а потоа август и септември ја очекува квалификацискиот циклус за Европското првенство 2021.

Интересно е што по пауза од четири години одбојката ќе се врати во националната арена „Борис Трајковски“ и одбојкарите таму ќе ги играат натпреварите од Златната лига.

На официјалниот сајт на ЦЕВ стои дека натпреварите ќе се играат во СРЦ „Кале“, но по договорот меѓу ОФМ и Арената, а според правилата на Европската конфедерација може да се менува локацијата на одигрување, а тоа ќе биде „Борис Трајковски“.

Одбојкарската репрезентација последен пат во 2016 година има одиграно натпревар во „Борис Трајковски“, од тогаш сите средби ги играше во СРЦ „Кале“ кога дуелите се играа во Скопје.

Што се однесува до квалификациите за ЕП, ОФМ ќе мора за вториот меч со Турција и третиот со Данска на домашен терен (19 и 22/23 август) да најде друг терен, со оглед на тоа дека во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржува ЕХФ Шампионат за мажи под 18 години во организација на РФМ.