Ситуацијата во европскиот првак Вардар одлично е позната за сите, со оглед на тоа дека на „црвено-црните“ им се случува де-жави. Втора сезона во низа двократниот носител на европската круна е пред колапс.

Рускиот репрезентативец, Тимур Дибиров во интервју за ракометниот портал балкан-хендбол има емотивно интервју во кое објасни зошто вардарци одново го преживуваат она што им се случуваше лани.

„Ќе се обидам да објаснам… Лани имавме подобар состав и поголема ротација. Од почетокот на сезоната се боревме за високи цели. Едно е кога чекаш да се подобри ситуацијата во една сезона. Тоа е првпат, изненадување, но продолживме да работиме, верувавме дека ќе биде подобро, дека проблемите ќе бидат решени утре, задутре… Имавме голема желба да направиме нешто со што верувавме дека ситуацијата ќе се стабилизира. Ни беше многу убаво во Вардар на почетокот. Клубот се однесуваше убаво кон нас претходните години и затоа не беше проблем да се издржи. Не можеш да плукаш во чинијата од која јадеш. Нормално беше дека може да се истрае… Кога тргна втората сезона со исти проблеми… Ја немаш истата емоција, природно е, предолго чекавме, ја дадовме целата енергија, дадовме се што имавме за да ја освоиме Лигата на шампионите. Енергетски се истрошивме, оставивме се во Келн. Го нема тој оган веќе, разочарани сме, повеќе не веруваме и оваа ситуација веќе ни стана нормална состојба, рутина. Сите имаме фамилии, планови, спортистот е човек кој мора да се чувствува добро, мора да има мотивација за спорт и семејство. Нормално, се појави нервоза, некои момци си заминаа.. Ти можеш да издржиш пола година, една сезона, но веќе втората… тоа е тешко. Противниците ги добивавме во психолошка смисла на зборот, сега паднавме и ние. Мора да се бориме на сите страни, на теренот, надвор од него, животот трпи, семејството го чувствува тоа. Не зборувам само за себе…“, објаснува крилото.

Прашан за тоа какво е мислењето на сопственикот Сергеј Самсоненко, Дибиров вели:

„Ако постоеше некоја шанса да се спаси клубот тоа беше да ја освоиме Лигата на шампионите. Кога го сторивме тоа, сите рекоа дека Вардар ќе опстане, не зборувам само за луѓето од клубот, туку и за моќни луѓе и државата. Рекоа дека ќе имаме поддршка и дека никогаш нема да не остават. Останавме, сето тоа делуваше како сон… Можам да разберам дека имавме циклус од две титули за три години во ЛШ и дека е време да се намали буџетот, нека биде и за пола, но не можам да сфатам да се спушти на нула? Тоа е чудно.  Знаеја во какви проблеми е клубот, рекоа дека ќе помогнат и на крајот ништо не направија. Не ни дадоа пари. Сега Сергеј (Самсоненко) ги покрива долговите за она што другите ветија. Самсоненко сакаше да го затвори клубот минатото лето, но тоа не го стори само од една причина, му беше ветена помош. Тој на нас ни кажа ’момци, мене ми е тешко, не можам повеќе да го финансирам клубот’. По Келн, луѓето од државата му кажаа дека доаѓа помошта… Затоа и по Келн рече ’добро, останувам ако дадете поддршка, сакаме и трета титула во ЛШ’. Затоа и сите останавме во клубот и чекавме стабилизација…

Човекот кој сакаше да го напушти клубот сега мора на себе да ги превземе туѓите ветувања. Тој ги немаше тие пари, ги нема ни сега… На последниот состанок ни рече ’Знам што ми рекоа, тие ветуваа, но имам голем респект и ќе ги покријам сите трошоци. Не знам кога, но ќе пробам до крајот на сезоната. Не можам да верувам затоа што луѓето велат ќе дадеме, ќе дадеме, а нема ништо. Како да ги сносам туѓите ветувања?“.