За рекордно време потполнет е бројот од 400 учесници на шестиот ракометен камп на македонската ракометна легенда –  “Кирил Лазаров 7”. Пријавувањето е завршено, а како што беше очекувано, за само 20 дена од првичната објава капацитетот од 400 кампери се исполни.

Интернационалноста оваа година ја даваат учесниците од Шведска, Данска, Холандија, Србија, Босна, Хрватска, Австрија, Романија, Германија, Словенија и Шпанија. Секако најголем број на учесници има од Македонија, што беше и првичната идеја на Лазаров од првиот камп во 2015, да учествуваат само деца од татковината. Но неговата ракометна големина од година во година го зголемува бројот на странските деца и земјите од кои тие доаѓаат. Кампот и оваа година ќе се реализира во две смени, а на него можеа да се пријават деца и младинци на возраст од 7 до 18 години.

Локацијата е иста, прекрасниот комплекс на хотел “Аквалина” кој се наоѓа на брегот на Охридското езеро. Првата смена започнува на 19 јуни, а завршува на 25 јуни, додека втората смена стартува на 25 јуни, а затворањето на кампот е на 1 јули.