Болна тема за клубовите и натаму е ваучер системот, која Стевче Алушовски како прв човек на Академија „Алушовски“ ја отвори под точната разно на Годишното редовно Собрание на РФМ. Тој е само еден од претставниците на клубовите кој најде забелешки за „ваучерот“ и кој побара одговори, што отвори широка дискусија на Собранието.

Тоа доведе до информацијата дека РФМ добила значително помала сума за ваучерите од лани, што се должи на промената на системот на доделување и систематизацијата на комисијата, која одлучува кој спортски субјект колку пари ќе добие.

„При првото доделување на ваучерите член на РФМ беше вклучен во комисијата што ја вршеше распределбата по спортските субјекти. Сепак, годинава таа ситуација се смени, Комисијата ја превзема Даниел Димевски. Значителни суми од ваучерите што требаше да припаднат на спортските федерации се префрлени за МОК, а во таа комисија имаше токму членови од највисокото раководство на МОК. Тоа е класичен судир на интереси. Уште еднаш повторувам, треба да се најде начин и спортските федерации да бидат дел од таа комисија, можеби не со одлучувачка моќ, но во секој случај да дадеме сугестии за да нема незадоволни страни“, изјави генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски.

„Апелирам до оние кои одлучуваат, и пред се до одреден лик, кој вели дека е голем пријател на спортот, а кога ќе го побарате за помош топката ја префрла на кај нас. Апелирам да сторат се за проблемот да биде решен и да нема незадоволни страни. Ние немаме одлучувачка моќ при квотите и сумите што се доделуваат со ваучер-системот“, изјави Мукаетов.