Очајна игра и тежок пораз за лидерот во Премиерлигата, Ливерпул, на гостувањето кај Ватфорд во 28. коло. Убедливи 3:0 за еден од тимовите кои се бори за опстанок во елитата и кој е првиот и засега единствен тим кој сезонава по 27 кола успеа да го победи „црвениот“ состав на Јирген Клоп. Со тоа е прекината една долга непобедлива низа на Ливерпул во Англија, а Ватфорд му покажа на Клоп дека титулата се уште не е сигурна.

Играчката криза во Ливерпул беше забележлива и на двата минати настапи против Атлетико (М) во ЛШ и против Вест Хем во првенството, но резултатски тимот на Клоп мина добро. Денеска против Ватфорд тимот одигра бледо, незаинтересирано и практично без желба за победа.

Ватфорд тоа знаеше да го искористи во второто полувреме, кога по неколку грешки во одбраната на „црвените“ Сенегалецот Сар ги покажа своите голгетерски квалитети и погоди напрво во 54. минута за водство од 1:0, а само 6 минути подоцна и за зголемена предност од 2:0.


Новата грешка која ја направи Трент-Арнолд во 72. минута ја казни Дини, кој и по третпат ја погоди мрежата на Алисон и конечно ги откажа гостите од идејата да останат непоразени.

Во пресрет на овој дуел во попладневниот термин Челзи не успеа да слави на гостувањето кај Бурнмаут играјќи само нерешено 2:2. Бурнмаут имаше водство од 2:1 до 85. минута, кога Маркос Алонсо со својот втор гол успеа да го спаси Челзи од пораз.

Вест Хем дојде до многу важна победа дома над Саутемптон од 3:1, додека Њукасл и Барнли останаа без „муниција“ играјќи само 0:0. Претходно, екипата на Кристал Палас со единствениот гол на Ају во 70. минута го доби Брајтон на гостински терен.

Standings provided by Sofascore LiveScore